Брнабиќ: Бројот на новозаразени со Ковид-19 денеска ќе биде катастрофален
Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека денеска, во апсолутни бројки, бројот на новозаразени со Ковид-19 „ќе биде катастрофален“.
Во изјава за ТВ Прва, Брнабиќ истакна дека според податоците од осум часот утринава, ќе биде постигнат „нов негативен и неславен рекорд“ на бројот на новозаразени.
– Бројките, од осум часот наутро, се катастрофални, но добро е што клиничките слики се многу поблаги, нагласи премиерката.
Таа потсети дека во сила се повеќе антиепидемиски мерки.
– Имаме мерки кои доколку се почитуваат би имале стабилна состојба, истакна Брнабиќ, додавајќи дека Србија ги обезбедила сите вакцини и лекови.
Таа рече и дека денеска ќе се одржи состанок на Министерството за образование со медицинскиот дел од Кризниот штаб и оти очекува нивен предлог за одржување на наставата.