Во Србија нов рекорд на заразени-13.753, над 13.000 починати од почеток на епидемијата
Во последните 24 часа во Србија тестирани се 33.163 лица, од кои 13.753 биле позитивни на коронавирус. Ова е најголем број на новозаразени во Србија на дневна основа од почетокот на епидемијата, јави дописникот на МИА од Белград.
Според официјалната веб-страница на Министерството за здравство на Србија, во вторникот за првпат од почетокот на епидемијата регистриран е петцифрен број новозаразени со коронавирус – 13.693, вчера беа регистрирани 12.877 лица, а денешниот рекорд изнесува 13.753 новозаболени граѓани.
Како последица на заразата во изминатите 24 часа починале 19 лица, со што Србија ја надмина бројката од 13.000 починати од Ковид-19 или вкупно досега се починати 13.003 лица.
На лечење по болниците во Србија се наоѓаат 2.340 пациенти, а 96 се на респиратор.
Редиците пред ковид амбулантите не се намалуваат и бројот на нови пациенти се повеќе расте.
Поради се потешката епидемиска состојба, откажана е прославата на српската Нова година (Василица) на плоштадите во Белград, Ниш, Чачак и Лесковац, а за утре е закажана седница на Кризниот штаб.
Докторот на биолошки науки и директорка на Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство, Јелена Беговиќ, за РТС изјави дека омикронот е во Србија,и тој е позаразен и лесно се шири.
-За среќа, има индиции дека останува во грлото и носот, помалку ги напаѓа белите дробови, се менува и менува некои свои карактеристики во однос на органите што ги напаѓа. Добро е да се тргне од белите дробови, што беше главниот проблем со делта сојот изјави Беговиќ.