Сепак, од таму велат дека 9 од пријавените не ги исплашила глобата и платиле сума која може да изнесува до максимални 600 евра за да не го вакцинираат своето дете. Од ДСЗИ велат дека за останатите 11 кои не се одѕвале на повикот да дојдат во инспекторатот, поднесени се прекршочни пријави.

Во 1 квартал од годинава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат пристигнале 20 пријави за невакцинација на деца од вакциналните пунктови, сите родители се повикани во инспекторатот. Од нив само 9 се појавиле и платиле казна, додека за 11 поднесена е прекршочна пријава-Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Комисијата за заразни болести утре ќе ја разгледува актуелната состојба со мали сипаници во земјава, а врз основа на тоа велат дека ќе се разгледува како да се постапува понатаму, не е исклучена и можноста да биде прогласена епидемија на целата територија на државата. Минатата недела во земјава беа регистрирани рекордни 126 заболени, од кои само половината се во главниот град. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во земјава има 19.000 невакцинирани деца. Во исто време зголемен е бројот на вакцинирани возрасни лица кои претходно биле вакцинирани само со една доза вакцина.

Во меѓувреме, во соседна Србија која се соочува со сличен проблем, се зголемува бројот на пресуди за лица кои не ги вакцинираат своите деца. Тамошните медиуми пренесуваат дека за една година, прекршочниот суд во Белград изрекол 119 осудителни пресуди, а од нив 36 добиле парични казни од 5 до 50.000 динари.