Какви здравствени проблеми предизвикува промената на стрелките на часовникот?
Нарушување на сонот, промена во расположението, варијации на крвниот притисок, главоболка… Ова се последиците по здравјето од поместувањето на стрелките на часовникот при летно и зимско сметање на времето. Според лекарите потребен е период организмот да се навикне на промената.
-Нарушувањата на биоритамот и временските промени доведуваат до нарушување на организмот на човекот. Тие промен и можат да бидат од психичка и физичка природа. Од психичка, луѓето чувствуваат замор, нарушување во концентрацијата, нарушување на расположението, кое може да биде од безволие до зголемена раздразливост и нарушување на сонот. Промените од физичка природа се од главоболка, вртоглавица до несвестица, варијација на крвниот притисок и сите компликации кои ги носи варијацијата на крвниот притисок, изјави д-р Елена Карева Пиловска, шеф на смена во Брза Помош.
Летното сметање на времето во бивша Југославија, а со тоа и во Македонија прв пат е воведено во март 1983 година. Ова го практикуваат седумдесетина земји во Европа за да се заштеди енергија бидејќи денот ќе биде подолг. Но, на почетокот на февруари Европскиот парламент ја прифати резолуцијата со која се бара укинување на промената на времето кое се прави два пати годишно. Иницијативата на 70 европратеници беше покрената минатата година бидејќи анализите покажале дека се нарушува здравјето на луѓето. Според научните истражувања од поместувањето на стрелките на часовникот страдаат 20 проценти од популацијата. Дали нема да има зимското и летното сметање на времето во ЕУ ќе одлучи Европската комисија.
Инаку Русија во 2011 целосно го укина поместувањето на стрелките на часовникот. Ваквата пракса е укината и во Белорусија и Турција.