Здравствените власти во Кина тврдат дека јапонски лек против грип делува и на коронавирусот
Здравствените власти во Кина тврдат дека лекот ,,фавипиравир” од Јапонија, кој се користи за лекување на на грип, исто така делува кај некои пациенти заразени со вирусот Ковид-19.
Овој лек е познат и како Авиган и е произведен од јапонската компанија Фуџифилм Тојама Хемикал.
Џанг Ксинмин, од кинеското Министерство за наука и технологија, изјави дека биле спроведени клинички испитувања на 340 пациенти во градовите Вухан и Шенжен. Пациентите претходно позитивни на вирусот биле негативни во просек четири дена подоцна, откако ја примале терапија со фавипиравир. Од друга страна, пациентите кои не го примале лекот, во просек биле негативни на вирусот по единаесет дена.
Кај 91 процент од пациентите кои го земале лекот, се појавила подобрена состојба на белите дробови, што е случај со 62 проценти од оние кои не користеле фавипиравир. Ксинмин посочува дека лекот е очигледно ефикасен и многу безбеден, пренесува „Гардијан“.
Јапонските лекари спроведуваат слични клинички испитувања кај пациенти со лесни и умерени симптоми. Но, извор од јапонското Министерство за здравство забележа дека лекот не е толку ефикасен кај лица со потешки симптоми или кај оние кои веќе го репродуцираат вирусот.
Фавипиравир исто така бил користен во 2016 година за борба против епидемијата на ебола во африканската држава Гвинеја.
За да може фавипиравир да се користи кај пациенти со коронавирус, потребно е одобрување од јапонската влада бидејќи овој лек е всушност наменет за лекување на грип.
Според извор од јапонското Министерство, лекот би можел да биде одобрен уште во мај.