Совети за забавување на стареењето на мозокот
Исто како и телото, со годините се менува и мозокот, како и неговите функции. Сѐ почесто се случува заборавање, послаба сосредоточеност, концентрација и низа други проблеми. За мозокот да остане здрав што е можно подолго и да се забави неговото стареење, само треба да се следат неколку едноставни работи, и тоа редовно.
Стареењето на мозокот е нормално, а показателите се различни за секоја личност. Тие можат да се идентификуваат со промени во секојдневното однесување- проблеми околу барањето и наоѓањето предмети и места, со сеќавањата и помнењето. Една од причините е тоа што бројот клетки се менува со возраста, т.е. клетките умираат и, понекогаш, не се обновуваат.
Што предизвикува стареење на мозокот?
Друга причина се пушењето и пиењето алкохол. Натаму – дијабетесот, високиот холестерол и крвниот притисок, исто така, имаат лошо влијание во таа смисла. Притисокот и холестеролот значително влијаат врз здравјето на срцето, но и на мозокот. Истражувањата покажуваат дека високиот притисок води кон послаба когнитивна активност и ја зголемува можноста за Алцхајмерова болест.
За да се спречи или забави стареењето на мозокот, треба редовно да го вежбаме… Тука помагаат разни игри, читање, како и промена на одредени животни навики. Следат некои од нив.
Ментална активност – за постојан развој на мозокот
Пред сѐ, важно е да го одржуваме мозокот активен и постојано да му даваме нови задачи во облик на решавање крстозбори, загатки или едноставно – читање книги и написи на различни теми. Учењето нови работи секогаш помага.
Физичката активност го зајакнува телото, но и умот
Покрај телото, преку вежбање и мозокот се зајакнува, исто така. Физичките вежби го олеснуваат протокот на кислородот до делот од мозокот што служи за размислување. Покрај кардио-вежбите во комбинација со оние за сила, пешачењето исто така има одличен ефект. Може да помогнат и одредени вежби во коишто е вклучен и мозокот, како што е лежење на грб и поместување една нога со спротивната рака, наизменично.
Исхрана
Често се вели дека одредени јадења се „храна за мозокот“. И, ова се покажува како точно. Така, науката потврди дека медитеранската храна, оревите, многу овошје и зеленчук имаат корисен ефект врз работата на мозокот.
Витамини
Витаминот Д е важен за помнењето. А, подеднакво е важно и да се внесуваат Омега-3 масни киселини, витамин Б12, а доколку е потребно – и додатокот познат како „гингко“.
Добар сон значи помал стрес
Стресот може негативно да влијае на менталното здравје, па така, и на здравјето на мозокот. За да се ослободиме од вишокот стрес, може да практикуваме и медитација, да размислуваме помалку за грижите, а тука помагаат и техниките на дишење. Квалитетниот сон е основен и најважен фактор во оваа смисла.