Пушењето предизвикува трајни промени во телото, и ги прави луѓето почувствителни на болка
Пушачите, па дури и оние што се откажале од пушење, велат дека живеат со поголема болка од оние кои никогаш немале таква лоша навика, јавува Би-Би-Си.
Наодите се засноваат на анализа на податоци од над 220.000 лица од страна на британски лекари. Истражувачите велат дека причината е сè уште непозната, но пушењето, што предизвикува трајни промени во телото, може да биде еден од факторите што ги прави луѓето почувствителни на болка.
Групата за борба против пушењето „Ash“ соопшти дека наодите не треба да бидат изненадување со оглед на опасностите од пушењето.
Научниците анализирале податоци од збир на експерименти преку BBC Lab UK Study. Учесниците беа поделени во три групи:
- Луѓе кои никогаш не пушеле
- Луѓе кои се откажале од цигарите
- Луѓе кои пушат секој ден
Тие одговорија на прашањата колку болка имаат на скала од нула до сто.
Сегашните и поранешните пушачи имаат поголеми болки од оние кои никогаш не пушеле, покажува студијата објавена во „Addictive Behaviors“. Со други зборови, потврдено е дека пушењето е поврзано со живеењето и доживувањето поголема болка – дури и откако ќе се откажеме од цигарите.
„Клучното откритие е дека поранешните пушачи сè уште го чувствуваат овој ефект од зголемената болка“, вели еден од истражувачите, д-р Олга Перски. Д-р Перски рече дека изненадувачки е откритието дека повисоки нивоа на болка се пронајдени кај најмладите возрасни групи (од 16-34 години).
Студиите ги поврзаа невротичните црти на личноста со чувство на поголема болка и поголем ризик од пушење.