Приведени три лица од Онкологија, меѓу нив и ексдиректор, потврдија директорите на Клиниката

Полицијата утрово привела тројца вработени на Клиниката за онкологија, меѓу нив има и поранешен директор, потврди организацискиот директор Халид Матоши. Заедно со него приведени се уште две лица вработени на Клиниката, од кои едното е медицинско лице.

„Само дојдоа со налог кој треба да се приведе, не разговаравме. Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и уште двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земана од некаде, не знаеме, исклучен ѝ е телефонот. Едно медицинско лице и еден вработен“, рече организацискиот директор Матоши.

Медицинската директорка на Клиниката, Виолета Клисаровска, извести дека и покрај приведувањата, Клиниката функционира во целокупниот обем.

„Клиниката работи и функционира нормално. Сите закажани пациенти, тековни прегледи, предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти, функционира нормално. Работат сите амбуланти, работиме со полн капацитет на Клиниката. Затоа замолувам да не се создава паника, никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планирана терапија“, рече директорката Клисаровска.

По налог на Обвинителството утрово полицијата влезе на Клиниката за онкологија. Обвинителството за „Макфакс“ само кусо потврди дека се преземаат дејства по наредба на јавен обвинител. Повеќе информации најавија во текот на денот.

Коментари

коментари

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.