Повторната појава на коронавирусот во Пекинг доказ дека вирусот може да се врати кога било
До минатата недела Пекинг речиси и да заборави на коронавирусот. Кинеската престолнина веќе 55 дена не пријави локална зараза и животот се врати во нормала.
Компаниите и училиштата повторно се отворија, луѓето се вратија на работа, а градскиот јавен превоз и парковите повторно беа полни со луѓе.
Но, се се промени минатата недела, кога се појавија нови случаи, а до денеска се заразени над 180 луѓе.
Пекин за неколку дена е во делумна блокада. Властите повторно воведоа рестриктивни мерки – затворање на населби и училишта и забрана за напуштање на градот. Во само пет дена тестирани се 365 илјади луѓе.
Избивањето на заразата во Пекинг, кој властите го нарекоа за еден од најбезбедните градови во земјата, е потсетник на тоа дека вирусот лесно може да се врати во места каде се мисли дека е искоренет.
Слична приказна се случи и во Јужна Кореја, која многумина ја фалеа поради справувањето со коронавирусот. Корејските власти, навидум ги ставија под контрола почетните бројки, но, ублажувањето на мерките за физичка дистанца и повторното отворање на училиштата го отвори патот за нов бран.
Сингапур исто така за многумина беше пример во борбата против коронавирусот се додека во април не изби нов бран на зараза меѓу работници-мигранти кои живеат во преполни соби.