Почина и бабата што ја замеси отровната пита во Скопје
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за обдукција на телото на 79 – годишна жена која почина откако повеќе од 10 дена беше хоспитализирана по семејно труење со домашна храна во Скопје. Претходно, по истиот настан почина 47-годишна жена, додека 55-годишниот маж е пуштен на домашно лекување.
Надлежниот јавен обвинител работи на утврдување на причините за труењето. Од домот на семејството се подигнати 20-тина различи траги за кои е издадена наредба за вештачење. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на медицинските истории на тројцата пациенти. Се преземаат и други дејствија.
Пред две недели тричлено семејство од Скопје, сопруг, сопруга и баба, се затруле со отров „метомил“ или попознат како „Ланате“ откако јаделе домашно подготвена пита со праз.
Метомил или „Ланате“ во земјава е забрането да се употребува, согласно регулативите на Европската Унија. Причината е што само еден грам е доволен да усмрти човек со тежина од 70 килограми, односно станува збор за висока токсичност на препаратот. Овој инсектицид нема канцерогени дејства, но тоа што може да се злоупотреби, како што и се злоупотребува за труење на улични кучиња, го става на листата на забранети состојки. Како „Ланате“ се нашол во домот на семејството, од каде го набавиле и за која намена, треба да покаже истрагата.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.