Петгодишно девојче што починало на Детска клиника, пред две недели било хоспитализирано со силна главоболка
Девојчето пред две недели поради силна главоболка било хоспитализирано и лекувано на Одделот за неврологија, но откако минатата недела состојбата му се влошила тоа било префрлено на Одделот за интензивна нега каде му била направена и интубација
Петгодишно девојче пред два дена починало на Детската клиника од воспаление на мозокот.
Директорот на клиниката Реџеп Мемеди, потврдувајќи за починатото бебе, вели дека тоа лежело на одделот за интензивна нега на Детска клиника.
„Лежеше на интензивна, беше тежок менинго-енцефалит, пред два дена почина“, вели директорот Мемеди во изјава за МИА.
Девојчето, според информациите што ги објавуваат медиумите, пред две недели било хоспитализирано поради силна главоболка. Откако било примено на клиниката прво било лекувано на Одделот за неврологија, но откако минатата недела состојбата му се влошила тоа било префрлено на Одделот за интензивна нега. Таму на девојчето му била направена и интубација, но, и покрај напорите на медицинскиот кадар, тие не успеале да го спасат детето кое развило менинго-енцефалит и пред два дена починало.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информирале дека ќе извршат вонреден инспекциски надзор.
По смртта на петгодишното девојче, од Детската клиника на нивниот фејсбук-профил велат дека тимот на доктори максимално се трудел околу состојбата на детето и постапувал со највисок професионализам, но за жал немало успех.
„Огромното мнозинство од пациентите успешно се лекуваат, на Клиниката доаѓаат во тешка здравствена состојба а излекувани ја напуштаат Клиниката. Но, не секогаш среќата е на страната на лекарите и медицинските сестри кои, иако го даваат целиот свој професионален и човечки труд за да ги спасат животите на малите деца, понекогаш со скршено срце се принудени да им ја соопштат горката вест на нивните родители. Но, тоа не значи дека е направена некаква грешка во лекувањето, како што беше претпоследниот случај со смртта на бебето од Струмица, каде здравствениот инспекторат констатираше дека нема пропуст во лекувањето“, се вели во објавата од Универзитетската клиника за детски болести – Скопје.
Ова е трет смртен случај на Клиниката за детски болести во изминатиот месец. За 14 месечното бебе сè уште се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност. Двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено се отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка согласно членот 192 од Законот за здравствена заштита.
14-месечно бебе починало утринава на Детската клиника во Скопје
Двајцата доктори специјалисти, како што велат од Клиниката, биле дежурни и извршиле преглед на 14-месечното бебе на 3 октомври годинава, а кое два дена подоцна почина на Детската клиника.
Двајца доктори од Детска клиника времено се отстранети од работа поради смртта на 14-месечното бебе, поведена е дисциплинска постапка
Пред пет дена од Детската клиника информираа дека починало бебе старо осум дена кое кај нив било донесено во тешка здравствена состојба од Струмица.
Бебе старо осум дена починало на Детската клиника, било донесено од Струмица во тешка состојба
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.