Овој витамин може значително да ви помогне доколку страдате од пролетни алергии
Алергените се супстанции кои не се штетни и ги има насекаде околу нас. Но кај луѓето кои се алергични на нив предизвикуваат реакција, дури и кога ги има во многу ниски концентрации.
Телото и неговиот имунолошки систем ги идентификуваат како опасност за телото, по што во крвотокот се ослободуваат хистамин и други хемикалии.
Ова дополнително води до голем број симптоми: течење на носот, чешање и пецкање на очите, носот и грлото, кашлица, кивање, а можни се и поекстремни реакции.
Во текот на пролетта, најголемиот проблем претставува алергијата на полен, од која речиси е невозможно да се одбраниме, бидејќи се шири преку ветер и воздух.
Покрај стандардната терапија (препишана исклучиво од лекар), особено многу може да биде корисен и витаминот Ц, кој има многу важна улога во телото.
Најпознат е како моќна состојка за зајакнување на имунитетот, а витаминот Ц може да биде и дополнителна помош во борбата против пролетните алергии.
Витаминот Ц, познат и како аскорбинска киселина, делува како природен антихистамин и антиоксиданс. Тој може да ги намали воспалителните процеси, отоците и другите симптоми поврзани со алергиските реакции.
Сепак, витаминот Ц се однесува поинаку од другите антихистамини бидејќи ја намалува количината на хистамин наместо да ги блокира неговите рецептори.
Откриено е дека витаминот Ц е ефикасен кога се во прашање симптомите на горниот респираторен тракт при алергија. Тоа се обично алергени како што се полен, мувла, прашина и првут од домашни миленици.
Антихистаминските својства на витаминот Ц можат да бидат корисни и за ублажување на алергиски ринитис и астма, бидејќи крвните садови во повисоките делови на респираторниот систем имаат високи концентрации на мастоцити, кои произведуваат хистамин.
Антиоксидантните својства на витаминот Ц можат да ја зачуваат функцијата на ткивото на белите дробови, со заштита на клетките во белите дробови од оксидативно оштетување.
Сепак, важно е да се има предвид дека витаминот Ц не може да спречи алергии и алергиски реакции – но во некои случаи може да биде исклучително корисен.