Осомничени 39 лица во меѓународната операција за сексуална злоупотреба на деца на Балканот
Во операцијата „Мозаик 2023“ против сексуалната експлоатација на деца во балканскиот регион, во периодот од 6 до 17 ноември, спроведени се 41 истрага и осомничени се 39 лица, при што се запленети 200 електронски уреди, информира Министерството за внатрешни работи, кое е учесник во заедничката акција предводена од словенечката национална полиција и координирана од Европол во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани (EMPACT).
– Полициските службеници од Секторот за компјутерски криминал при МВР активно беа вклучени во операцијата „Мозаик 2023“ и во координација со скопското Основно јавно обвинителство и Основен кривичен Суд Скопје успешно реализираа два претреси во периодот од 13 до 17 ноември на подрачјето на Скопје при што беа одземени 12 компјутерски уреди, односно: три десктоп компјутери, три лаптоп компјутери, еден хард диск, еден УСБ стик, една мемориска картичка и четири мобилни уреди. Исто така, беа извршени информативни разговори со пет лица, информираат од МВР.
Оттаму, посочуваат дека целата на големата заедничка операција „Мозаик 2023“ била да се идентификуваат и уапсат луѓе кои користат онлајн форуми и апликации за пораки за споделување и дистрибуција на материјали за сексуална злоупотреба на деца.
Учество во акцијата зеле земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Црна Гора и Србија – Словенија, Хрватска и Унгарија.
– Европол ја олесни размената на информации меѓу сите вклучени земји и дополнително ја подобри оперативната слика во регионот со вкрстена проверка на запленетите податоци и обезбедување разузнавачки пакети за продолжување на истражната работа во овој регион и пошироко, известуваат од МВР.
Од Министерството истакнуваат дека во рамките на EMPACT, Словенија, Хрватска, Унгарија и Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол се здружија за да основаат експертска мрежа на Западен Балкан со цел да ја зајакнат прекуграничната соработка во борбата против сексуалната злоупотреба на деца.
Превентивната кампања на Европол „Кажи не!“ е достапна за сите земји во регионот на Западен Балкан.
– Оваа кампања вклучува 10-минутно видео кое прикажува двајца тинејџери, момче и девојче, кои се експлоатирани на интернет од криминална организација за финансиска корист и од индивидуален онлајн сексуален престапник кој бара дополнителни сексуални материјали, соодветно. Видеото вклучува совети за тоа како таквите злосторства може да се пријават кај органите на прогонот и како да се избегне да станете жртва на прво место. Ова видео е споделено со родителите, децата и наставниците за да се подигне свеста во Западен Балкан за сексуалната злоупотреба на деца, нагласуваат од МВР.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.