Од утре и задутре зејтин ќе има во сите маркети, цената ќе биде стабилна и ќе достигне максимум 2,5 евра

Цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 – 2,40 евра или максимум 2,50 евра и ова цена ќе се задржи, особено по празниците. Ќе има и доволно количини масло за јадење во маркетите. Граѓаните не треба да стравуваат, ниту да купуваат повеќе за да трупаат залихи, рече денеска генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов

-Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот, истакна Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.

Според Лазов, во Бугарија цената на зејтинот е 180 денари или шест лева, а во Грција околу четири евра.

Одговорајќи на новинарски прашања, директорот нагласи дека има и доволно суровина. Во континуитет се вршат набавки од Бугарија.

Лазов изрази надеж дека на македонските земјоделски површини сончогледот повторно ќе се врати.

-Порано произведувавме околу 40 000 тони сончоглед, а лани откупивме помалку од 4 000 тони. Тоа е само 10 отсто од она што сме го имале како држава, подвлече Лазов.

Годишно капацитетот на фабриката „Благој Ѓорев“ е  40 000 тони сончоглед, а може да се складираат 16 000 тони сурово масло.

-Ако се зголемат површините, ќе го откупиме целото производство, нема да оставиме ниту едно зрно неоткупено, истакна директорот.

Претходно, министрите уверија дека зејтин има, како и суровина.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.