Новите сознанија наметнуваат потреба да се продолжи рокот на работата на комисијата, истакна Мизрахи
Претседателката на собраниската Анкетна комисија за скандалот во Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи денеска соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работа на оваа комисија и да се прошири опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.
На денешниот последен ден за сослушување на сведоци и експерти, како сведоци вторпат се викнати поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, државниот обвинител Љубомир Јовески, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Стево Крстевски, а понатаму, како што рече Мизрахи, ќе се постави барањето до пленумот за проширување на надлежностите и работата на Анкетната комисија.
Мизрахи на прес-конференција во Собранието посочи дека во текот на вчерашниот ден беа објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои, како што рече, „може да се заклучи дека станува збор за основани сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“. Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија, според Мизрахи, ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и тековниот период од април годинава на кој се однесува извештајот на Фондот за здравствено осигурување.
-Тоа се нови информации и сознанија од кои се јасни три работи. Првата, Фондот за здравство нарачал и изготвил извештај од кој јасно се гледа дека скандалозното работење на Онкологија, основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти, и несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес и тоа не е престанато. Втората работа е дека, и покрај доволните складирани количини на лекови, омилени веледрогерии на власта и денес набавувале огромни колични лекови за суми кои се изразени во милиони евра – рече таа на прес-конференција во Собранието, пред почетокот на седницата на Комисијата.
Како што дополни Мизрахи, „трета работа се сознанијата дека лековите за болните од рак на Клиниката за радиологија и онкологија биле давани на рака на пациентите, во торбиче, спротивно на медицинските протоколите.
-За тоа Клиниката фактурирала како таа да ги аплицирала лековите, а чија судбина и начин на употреба поматаму не е позната. почитувана јавност, ова е грозоморен скандал, каде се прави заработка од тешката болест на многу луѓе. Ова значи дека дивото месо е длабоко вкореното во здравствениот систем. Овде се работи за мафијашки систем на злоупотреба на скапа терапија на клиниката за Онкологија кој траел вклучително и во 2023 година, што предизвикало екстремен трошок за здравството, штета на буџетот и најстрашно од се, сето ова е правено на сметка на пациенти кои или не добивале терапија или ненавремено ја добивале. Јавноста заслужува одговори – рече Мизрахи.
Мизрахи појасни дека по последниот ден за распит на сведоци и експрти има рок од 30 дена за разгледување документација, по што треба да излезе со заклучоци. Формален правен основ за проширување на работата на Анкетната комисија има, меѓутоа тоа е одлука што ќе треба да ја донесе самиот пленум. Група на пратеници ќе може да проследат барање за проширување на опфатот на работата, таа група може да бита и членовите и замениците членови на Анкетната комисија. Целта е да се испита целосно скандалот, заклучно со денешниот ден – појасни Мизрахи.
Досега се сослушани 49 сведоци и експерти, а 10 лица не се појавиле иако, според Мизрахи, биле уредно поканети и имале обврска. Дел од тие што не се појавиле е поради работа на случајот преку Обвинителството, дел сами решиле да не присуствуваат, а ја изненадува, како што посочи, денешното неприсуство на актуелниот директор на ФЗО Миле Сугарев.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.