Намален бројот на заразени, хоспитализирани и починати од Ковид-19

Продолжува намалувњето на бројот на заразени,  хоспитализирани и починати од КОВИд-19, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 март до 3 април 2022 година.

Тестирани се 14.873 материјали, а регистрирани сe 1.602 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, што е намалување од 5,4% во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 4,2 % до 12,5%, просечно 10,2%.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=893; 55,7%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 204,9/100.000, Делчево – 184,0/100.000 и Битола – 178,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.

Во однос на претходната недела, најголемо зголемување на бројот на заболени се регистрира кај возрасните групи од 0-9 (13,7%) и 10-19 (11,6%), а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група 20-29 (26,6%).

Со статус „оздравени“ се стекнале 1.706 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 4,6% помалку во споредба со минатата недела (n=1.789). Вкупно се пријавени 272 реинфекции, со зголемување од 1,5% во однос на претходната недела.

Пријавени се 12 смртни случаи во 8 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела (28.03-03.04.2022), за 45,5% помалку во однос на претходната недела (n=22). Најголем дел од нив се од Скопје (3). Во однос на возраста, регистрирани се 11 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 92 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 28.03-02.04.2022 година од Скопје, Кавадарци, Тетово, Велес, Охрид и Гевгелија. Во 6 (6,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 86 (93,5%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 71 лица (13,4% помалку во споредба со претходна недела), од нив 27 се на кислородна поддршка (18,2% помалку во споредба со претходна недела), а 5 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (за 4 повеќе во споредба со претходна недела).

Заклучно со 3 април 2022, вакцинирани се вкупно 873.114 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 853.501 лица, а со трета доза се вакцинирани 154.693 лица.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.