Над 400 приватни специјализанти стапија во штрајк

Над 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа  во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата.

– За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми,  изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.

Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада., но  дека засега немаат никаков одговор.

Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот  ќе се одржи средба во Влада.

-Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети, нагласи Илиоска Чешлароска.

Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, рече дека работно максимално се посветуваат, а се ставени во разочарувачка деградирачка позиција. На протестот беше нагласено и дискриминирањето при остварување на мајчинство и породилно отсуство, бидејќи тогаш се укинува надоместот. Сите овие луѓе, беше кажано на протестот, имаат желба да останат во државата, да работат и да се грижат за пациентите.

Коментари

коментари

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.