Менопаузата има три фази, еве што може да очекувате во секоја фаза
За многу жени, разните фази од менопаузата се мистерија сè додека не почнат да им се случуваат.
Еве што може да очекувате од секоја фаза на менопаузата:
1) Перименопауза
Ова е периодот пред менопаузата кога естрогенот и прогестеронот почнуваат да се намалуваат, а може да започне во средината на 40-тите и обично трае околу 4 години. Еден од првите знаци е нерегуларен менструален циклус, а во оваа фаза сè уште е возможно да се забремени.
Кога естрогенот почнува да флуктуира, менструацијата може да трае подолго или пократко, а заедно со овие промени може да се случуваат и емоционални и психолошки промени кои вклучуваат анксиозност, депресија, заборавање и сл.
2) Менопауза
Жената е официјално во менопауза кога нема менструација 12 месеци, а тоа може да се случи во 40-тите или 50-тите, а просечната старост е 51. Во оваа фаза, продукцијата на естроген е драстично намалена и јајниците престануваат да ослободуваат јајца, што значи дека веќе нема менструација.
Во оваа фаза се јавуваат симптоми како топлотни бранови, сувост на вагината, намалено либидо, анксиозност, депресија и дебелеење.
3) Постменопауза
Периодот по менопаузата се карактеризира со намалување на одредени симптоми како топлотните бранови, а се зголемува ризикот од остеопороза и срцеви заболувања поради малата количина на естроген, кој влијае на начинот на кој што телото го користи калциумот и на одржување на нивото на холестерол во крвта.
По менопаузата може да се забележат и промени на кожата, која станува поделикатна и полесно се оштетува и се создаваат модринки. Таа може да стане и посува и подложна на состојби како егзема.