Институтот за јавно здравје одговори на најчесто поставуваните прашања во врска со ширењето на новиот корона вирус Covid-19

Со оглед на тоа дека се зголемува бројот на заразени во Европа, особено во Италија каде од петокот досега бројот на заразени се искачи на 162, а три лица починаа, прочитајте ги овие информации за да одбегнете паника и навремено и точно да реагирате во случај да забележите симптоми на вирусот кај себе или друго лице.

Колку е опасен Covid-19?

Како и другите респираторни заболувања, инфекцијата со Covid-19 може да предизвика умерени симптоми вклучително: течење на носот, болки во грлото, кашлица и треска. Кај некои лица може да се јави потешка клиничка слика, односно може да дојде развој на пневмонија или тешкотии во дишењето.

Дали може Covid-19 да се пренесе од човек на човек?

Да, Covid-19 предизвикува респираторнo заболувањe и може да се пренесе од човек на човек, обично по близок контакт со заболен, на пример дома, на работно место или во здравствена установа.

Кој може да се зарази со Covid-19?

Луѓето кои живеат или патуваат во област каде што циркулира Covid-19 може да бидат изложени на ризик од инфекција. Во моментов, Covid-19 циркулира во Кина, каде се регистрирани најголем број на заболени лица. Заболените лица регистрирани во други земји се луѓе кои неодамна патувале во Кина, или живееле / тесно соработувале со тие патници (пр. членови на семејството, соработници), или здравствени работници кои се грижеле за пациентот пред да се докаже дека истиот е заразен со Covid-19.

Кој е изложен на ризик од развој на потешки симптоми од Covid-19?

Треба да се направат дополнителни истражувања за да се дадат прецизни информации за тоа како Covid-19 влијае врз луѓето. Според достапните податоци, постарите лица и лицата со претходно постоечки заболувања (дијабет, срцеви заболувања и др.) имаат поголем ризик за развој на потешки симптоми.

Како се пренесува Covid-19?

Новиот корона вирус е респираторен вирус кој примарно се пренесува преку контакт со заболено лице, односно преку неговите респираторни секрети кои се распрскуваат во вид на ситни капки кога заразениот кашла и кива, преку плунка или течење од носот.

Важно е сите да практикуваат добра лична хигиена. На пример, кога кивате или кашлате користете марамче за една употреба и веднаш фрлете го, а доколку немате марамче покријте ги устата и носот со раката свиткана во лактот. Исто така, многу е важно луѓето редовно и темелно да ги мијат рацете со сапун и вода или со дезинфициенси базирани на алкохол.

Колку долго преживува Covid-19 на површини?

Сѐ уште не е познато колку долго преживува Covid-19 на површини, иако првичните информации сугерираат дека вирусот може да преживее неколку часа. Едноставни средства за дезинфекција можат да го уништат вирусот, со што веќе не е можно да зарази луѓе.

Дали може Covid-19 да се добие од лице кое нема симптоми?

Според моментално достапните податоци, се смета дека е можно лицата заразени со Covid-19 да бидат заразни и пред да развијат симптоми на болест. Сепак, вирусот најчесто го шират лица кои имаат симптоми.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.