Идната недела ќе почне издавањето ковид сертификати за патување
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави.
– Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што објавија француските медиуми повикувајќи се на европски извори, претставници на 27-те земји членки на Европската унија денеска се согласиле да дозволат влез во Унијата за патници од трети земји кои ги примиле потребните дози на антивирусните вакцини одобрени во ЕУ.
Во пресрет на летната туристичка сезона, амбасадорите на 27-те земји на ЕУ ја одобрија препораката предложена од Европската комисија, а која не е обврзувачка за земјите членки. ЕУ, меѓутоа, се обидува да ги координира мерките на нејзините надворешни граници заради нивните последици за слободно движење во Унијата. ЕУ ги затвори своите надворешни граници во март 2020 година за сите незадолжителни патувања и од јуни воведе и ограничен список, што редовно се преразгледува, за трети земји чии државјани, вакцинирани или невакцинирани, можат да влезат во ЕУ.