Бројот на активни случаи од 1 јануари зголемен за 11.000, процентот на позитивност викендов околу 22

Од почетокот на јануари 2022 година до вчера, за 16 дена, бројот на активни случаи се зголемил за над 11.000. Ако на 31 декември 2021 година, бројот на активни случаи беше 5.006, вчера тој изнесуваше 16.132. Процентот на позитивност за време на викендот е околу 22 процент.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 1.348 нови случаи на КОВИД-19 од направени 6.141 тестови или 21,9 проценти. Од вкупниот број на позитивни 1.348, регистрирани се 145 реинфекции.

За претходните 24 часа беа пријавени осум починати лица и 784 оздравени пациенти, информираше вчера Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Досега во земјата се направени вкупно 1.706.696 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 244.632, бројот на оздравени пациенти е 220.400, на починати е 8.100, а бројот на активни случаи изнесува 16.132, од кои половината се во Скопје.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 8609, следи Битола со 1456, Прилеп – 890, Куманово – 580, Охрид – 565, Кавадарци – 413, Струмица – 321, Велес – 317. Во другите градови има под 300 заразени, а во Дојран има само седум активни случаи.

Поради нагорната линија на позитивни лица со КОВИД-19 со брзото ширење на омикронот, се очекува надлежните да соопштат неделава дали на време ќе почне второто полугодие од учебната 2021/2022 година, на кој начин ќе се одвива наставата или ќе има одложување.

Изминативе неколку недели, здравствените власти истакнуваат дека притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.

Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на КОВИД-19 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78 отсто од починатите лица со КОВИД-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на САРС-КоВ-2.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.