„Аџибадем Систина“ воведува серолошко тестирање за Ковид-19 во домашни услови
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ воведува можност за земање материјал за лабораториски испитувања и анализи, како и тестирање за детекција на Ковид-19 со брз серолошки тест во домашни услови.
Од болницата велат дека нивна мобилна екипа ќе ги посетува домовите бесплатно, по што примероците брзо ќе се транспортираат за лабораториска анализа во дијагностичките лаборатории на „Аџибадем Систина“.
– Добивањето на резултатите зависи од нарачаната лабораториска услуга (примерок крв, урина, брис од нос, уво или грло), односно потребното време за изработка на анализата и истите се доставуваат на електронска пошта, посочена од страна на пациентот, се вели во соопштението.
Мобилната екипа за земање примероци за лабораториски анализи од домовите ќе биде достапна само на територијата на Град Скопје, секој работен ден во периодот од 9 до 11 часот. За користење на услугата, пациентите треба еден ден претходно да закажат во контакт-центарот на „Аџибадем Систина“ на телефонскиот број 02/3099-500, од каде ќе добијат детали за услугата и упатство за припрема за бараната анализа.
– Ваквиот новитет во болницата се воведува како одговор на потребите на пациентите кои од кои било причини, особено во услови на пандемија со корона вирусот Ковид-19, не се во можност физички да достават примерок за лабораториска анализа во нашата болница, наведуваат во соопштението.