Тригодишно дете од Скопје кое со семејството живее во Србија се заразило со морбили. Малите сипаници му биле дијагностицирани во Македонија кога дошле на викенд. Тоа е петтиот случај регистриран во земјата оваа година. Според вакциналниот статус, не примило ниту една доза од вакцината против морбили.
-Пациентот бил хоспитализиран на Инфентивна пред десетина дена каде и му ја откриле заразната болест. Немал сериозни компликации од болеста. Поради подолгиот период на инкубација, од Институтот за јавно здравје ги следат и лицата кои биле во контакт со детето.
Според информации на Сител, деновиве уште едно дете од централното градско подрачје во Скопје било на матичен и поради осипот добило дијагноза дека е сомнително на морбили, но мајката не дозволила лабораториска анализа за потврда на заболувањето. Лекари коментираат дека тоа е голем проблем за нив бидејќи вакви случаи можат да бидат потенцијална опасност за многу дечиња.
И додека кај нас епидемиолозите велат дека сеуште нема простор за паника од ширење на морбили, во соседна Србија состојбата е алармантна. Околу 2900 заразени со мали сипаници и седум смртни случаи од кои последниот е здравствен работник.
Комисијата за заразни болести формирана од Министерството за здравство засега без било какви препораки до македонските граѓани кои секојднено патуваат во Србија но и во Албанија каде исто така има голем број заразени со морбили.