Најмалото живородено бебе во Македонија тежело само 500 грама, а било долго 28 сантиметри. На свет дошло оваа година на Клиниката за гинекологија и акушерство. Од друга страна најголемото дете кое било родено живо во оваа установа имало 5 килограми и 700 грама. Во земјава се случаи и на потешки бебиња, но плодот бил мртов уште во утробата на мајката.
Според гинеколозите различни се причините зошто некои бебиња се раѓаат многу мали, а други дебелки.
-За мали бебиња, освен недоносеноста причина се и нутритивни и циркулаторни фактори кои делуваат преку постелката. Има застој во растот, може и генетски да биде. Тоа се 3 главни фактори. Мора да се потенцира дека мало бебе породено со мала гестациска недела и недоносено се различнми, изјави д-р Владимир Трајковски, гинеколог.
Ако недоносеноста е главен фактор за бебиња со помала тежина, надносеноста е една од причините за раѓањето поголеми деца.
-Генетски и ендокринолошки проблеми кај мајката, некогаш и надносеноста може да доведе до прекумерен раст на плодот. Затоа си постојат норми кога да се изврши породувањето, додава д-р Трајковски.
Според гинекологот Трајковски исти по тежина се следењата на нормална и патолошка бременост со помал или поголем плод. Само ваквите состојби одземале дополнително време во барањето на причините зошто бебето е мало или големо.
Според податоците од Државниот завод за статистика минатата година во Македонија биле родени вкупно 23.199 деца, од нив 197 биле мртбородени бебиња.