Зошто и кога се појавуваат грчеви во мускулите?
Дехидратација
– Професионалните и рекреативни спортисти постојано се борат со грчеви, особено во летните месеци, кога не внесуваат доволно течности, па телото дехидрира, објаснува физиотерапевтот д-р Марк Петерсон.
Поради топлото време и за време на вежбањето се потиме повеќе и на тој начин губиме повеќе течности, кои треба за брзо време да ги надокнадиме.
Недостаток на минерали
Преку потењето телото ги губи и електролитите што исто така предизвикува грчеви во мускулите, а истото се случува и при намалено количество на минерали, како што се калциумот, калиумот, магнезиумот или натриумот. Минералите може да ги најдете во бананите, компирот, јогуртот и јаткастите плодови.
Бременост
Грчевите се појава и кај бремените жени и тоа најчесто во последното тримесечје.
– Ова се случува поради тоа што има недостаток од магнезиум и калиум при последните месеци од бременоста, што е сосема нормално, советува д-р Петерсон.
Се препорачува да пиете многу вода, а со докторот да разговарате и за консумација на дополнителен магнезиум.
Интензивни тренинзи
Кога ќе се одлучите на вежби за трчање на маратон или долго возење со велосипед, вашето тело не е веднаш навикнато на нов интензитет на тренинг.
– Секогаш кога се појавуваат грчеви за време на нови вежби, тоа е знак дека правите нешто премногу или пребрзо. Почнете со вежби на кои е навикнато вашето тело.
Слабост
Грчевите често се случуваат кога сте многу уморни. Ако не внесувате доволно вода или телото не е доволно опоравено од последниот тренинг, мускулите може да се во лоша состојба.
Седење и стоење
Мускулите се создадени за да се движат и одмараат, па затоа ако цел ден седите или стоите, подоцна ќе се соочувате со појава на грчеви. Долгото стоење може да ги умори мускулите, додека долгото седење може да предизвика проблеми при работата на мускулите, па мускулните влакна стануваат хиперактивни. Потрудете се да седнете ако стоите долго време, а што се однесува за долгото седење – се препорачува да станувате на секои 45 минути.
Лекови
Диуретиците и лековите за висок крвен притисок може да предизвикаат грчеви со оглед на тоа дека влијаат на зголеменото излачување на сол и течности од телото. Исто така, некои лекови за остеопороза, астма и болки може да го намалат производството на некои хормони. Во тој случај, зборувајте со вашиот лекар за да ви ги промени лековите.
Мултиплекс склероза
Грчевите во нозете се исто така еден од симптомите на мултиплекс склероза. Заболените често чувствуваат триење и грчење на мускулите.
Остеопороза
Оваа болест често предизвикува болки и непријатности во зглобовите, а не се исклучени и грчевите во мускулите. Грчевите се појавуваат при остеопороза на ’рбетниот столб што може да доведе до оштетување на нервните завршетоци.
Хипотиреоза
Оние кои патат од оваа болест, произведуваат многу мали количини на хормони во тироидната жлезда и со тек на време тој недостаток ги оштетува нервите кои праќаат сигнали од мозокот и ’рбетот кон рацете и нозете. Пациентите, често чувствуваат вкочанетост и грчеви во мускулите.