Заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски национален советник на министерот за гинекологија?!
Заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски од неодамна бил назначен за национален советник на министерот за гинекологија, дознава Сител. Од неговиот кабинет ниту негираат, ниту потврдуваат. Интересно е што неговото име го нема на листата која минатата недела излезе во јавност. Набргу потоа сеуште актуелниот прв човек на здравството Арбен Таравари и државниот секретар Владимир Милошев се повлекоа од овој ангажман. Нејасно е зошто на списокот, освен за гинекологија не се ставени и имиња на советниците од други специјалности кои за тоа би добивале месечен надоместок од 200 евра.
Чакаровски е гинеколог и неговата стручност не е спорна, но останува отворено прашањето што советува и кои итни мерки ќе ги наложи за да се намали смртноста на предвремено родените бебиња во Македонија. Во меѓувреме состојбата во родилиштата низ државата, а посебно на скопска гинекологија станува уште поалармантна. Ако лани на Клиниката имало околу 170 починати бебиња, годинава само до август бројката надмина 100 смртни случаи.
И самите вработени во најголемото родилиште јавно проговорија за причините за зголемената смртност на новороденчињата.
-Дали недостигот на кадар, опрема и несоодветните услови се причина за зголемената смртност- Да, да, потврди на прашањето на Сител д-р Ѓорѓи Филев, педијатар на Клиниката за Гинекологија.
Но, од друга страна за четирите починати бебиња кои пред 12 дена починаа во една смена на интензивна нега на Гинекологија и за тројката кон крајот на август комисиите кои ги формираше министерството за здравство не најдоа лекарска грешка.
Комисија ќе ја испитува и смртта на 30 годишната родилка во петокот ноќта во Клиничката болница во Тетово.