Загрижувачки: Се повеќе деца страдаат од астма!
Астмата последниве неколку години го носи приматот епидемија на 21-от век, а уште позастрашувачки се податоците дека од ова заболување се почесто на удар се помладите од 18 години, предупредуваат пулмолозите. Бројот на заболени од година в година постојано расте.
Астмата е хронично опструктивно воспаление на дишните патишта, поради кое болните имаат проблеми при дишењето. До астматични напади доаѓа и при влошување на воспалението, вообичаено поради тоа што во непосредната околина е присутен некаков иритирачки фактор. Болеста може да биде предизвикана од еколошки и од наследни фактори.
Болеста почнува од мала возраст, a најголем процент на новорегистрирани случаи се помлади од 18 години. Се проценува дека во светот од астма боледуваат околу 300 милиони луѓе. Проекциите се дека до 2025 година, тој број ќе се зголеми за уште 100 милиони повеќе.
За астмата да може се контролира, потребно е рано откривање и точна дијагноза. Но, и покрај досегашните откритија, многу од астматичарите остануваат неоткриени или, пак, се недоволно третирани.
Поради честите влошувања на болеста се нарушува квалитетот на животот на заболените и на нивните семејства.
Пулмолозите објаснуваат дека контрола на астмата е постигната кога болниот нема симптоми на астма и нема ноќни будења, ретко се употребуваат лекови за „олеснување“ на тегобите, нема ограничувања во секојдневните активности, и кога и при физички напор лицето има нормална белодробна функција.
Статистиките покажуваат декасекој четврти жител на Македонија има алергиски ринит. Постојат повеќе фактори за појава на алергии, но дел од нив се однесуваат на загадувањето на надворешната средина, модифицирана храна, разни пестициди штосе употребуваат, антибиотици штосе даваат на живината и добитокот, кои понатаму се наоѓаат во млекото и во продуктите за исхрана, загадувањето со озон, честичките од дизел горивата.
Алергиите се јавуваат на рано цветачки дрва, полен на бреза, јасен, бука, леска.Алергијата на полен овој период се манифестира со чешање и со јадеж во очите, напади на кивање, течење на носот, а понекогаш и со затнат нос. Кај оние кои имаат алергиска астма,почнува да се јавува и една долготрајна кашлица која може да води до опструкција, објаснуваат алерголозите.
Тие потенцираат дека оние кои знаат дека имаат алергија, би требало да ја примаат антиалергиската терапија, а оние кои се сомневаат декастрадаат од алергија, најдобро е да се јават кај лекар, за да се дијагностицира болеста и да добијат адекватна терапија.