Загрижувачки пад на вакцинацијата во Македонија!
Родителите не треба да го одложуваат вакцинирањето на децата со вакцината против морбили, рубеола и паротит – МРП, бидејќи таа е квалитетна, проверена и безбедна и со години се употребува, изјави денеска Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство и член на Комитетот за имунизација.
Посочи дека опфатот на имунизација годинава е одличен и се зголемува, освен за МРП вакцината, кој е минимално понизок од останатите години и се очекува да биде на задоволително ниво.
– Ако примовакцинацијата или вакцинацијата со МРП на 13 месеци во 2015 година беше 88 проценти сега е 82 проценти и очекуваме да се зголеми. Ревакцинацијата со МРП што ја добиваат децата на шест години е 93 проценти. Родителите го одложуваат вакцинирањето на децата со МРП вакцината, а за другите вакцини не го одложуваат, рече Костовска.
Според неа, има голем успех откако се воведени поливалентните вакцини.
– Родителите неоправдано ја одложуваат МРП вакцината и мислат дека таа е поврзана со аутизам кај децата. МРП вакцината е докажана во меѓународни рамки и нема никаква врска со појава на аутизам, истакна Костовска.
Според неа, нема причина за одложување особено сега кога во западно-европските земји има епидемија на морбили, а во Романија и Бугарија има смртни случаи.
Таа рече дека со цел подигнување на свеста за бенефитите од вакцинацијата и безбедноста на вакцините кај вработените во службите за имунизација, кај докторите и сестрите, за да се подобрат нивните комуникациски вештини за разговор со родителите, денеска се одржува третата по ред работилница за службите за имунизација во РМ, во пресрет на Европската недела на имунизација, која се одбележува од 24 до 30 април, а на која предавачи се експерти од Комитетот за имунизација.
– Родителите информирани од несоодветни веб страници се почесто се плашат да ги вакцинираат своите деца или ја одложуваат вакцинацијата со тоа што прават проблем на опфатот за имунизација. Токму затоа сакавме на овие работилници да ги информираме службите за имунизација да бидат спремни да одговарат на секое прашање на родителите, додаде Костовска.
Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека во делот на работилниците кои ги реализираат за службите кои работат со имунизација на возраст на деца од нула до 18 години, целта е зајакнување на нивните комуникациски вештини и стратегии со родителите.
Основниот квалитетен дијалог меѓу докторот и родителот, посочи, претставува база родителот да верува и преку прашања и одговори да се согласи и детето да го вакцинира.
– Ова не е нешто што се случува само во нашата држава, туку пошироко во регионот и Европа се повеќе се чувствува антивакциналната кампања и одбивањето или одложувањето на вакцинирањето. Одржливоста над 90 проценти во однос на опфатот на имунизацијата гарантира да го уживаме колективниот имунитет и безбедниот епидемиолошки статус, рече Баевска Вучковиќ.
Потенцира дека според податоците од Институтот за јавно здравје од 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои не ја примиле МРП како примовакцина, 2.400 се во Скопје. Додаде дека бројката од 66 проценти опфат никогаш досега не била толку ниска и упати апел до родителите да ги донесат децата да се вакцинираат.
Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет рече дека на највисоко можно ниво е регулирано производството на вакцините.
– Здравствените работници треба да бидат сигурни во она што значи безбедна вакцина. Такви вакцини имаме во Македонија и во однос на производителите и на составот, додаде Грозданова.
Одговарајќи на новинарско прашање Костовска рече дека пред воведување на вакцинацијата во Република Македонија имало голем број заболени и смртни случаи, а бенефитот од вакцините откако се воведени е голем.