Загадениот воздух почна да ги полни болниците!
Зголемената загаденост на воздухот почнува да ги полни болниците и клиниките. Децата се најосетливи на високата концентрација на штетните ПМ честички која во вечерните часови се чувствува во повеќе скопски општини.
Од Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле потврдуваат дека периодов имаат зголемен број на пациенти со респираторни заболувања.
Во моментот во болницата во Козле хоспитализиранио се 60 деца кај кои вирозите и аерозагадувањето предизвикале компликации.
Од Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле велат дека засега немаат проблем со недостиг на болнички кревети бидејќи полесните случаи по прегледот и дадената терапија ги пуштаат на домашно лекување.
-Не само децата туку и возрасните деновиве наголемо ги чувствуваат последиците од аерозагадувањето. Иако сме на почетокот на сезоната, токму зголемениот број на пациенти со респираторни инфекции и потешкотии во дишењето се индикатор дека воздухот посебно во главниот град е полн со штетни честички.