Во штипската Клиничка болница не работи апаратот за операции на катаракта – Сите други проработеле

Во штипската Клиничка болница работат сите апарати, освен апаратот за операции на катаракта на Очното одделение. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев појаснува дека во секој момент чекаат замена на делот на овој апарат.

– Операциите требаше да почнат од почетокот на септември, бидејќи во летниот период знаете дека не се работат. Меѓутоа, кога дојдоа првите пациенти, за првата операција, апаратот откажа. Тие пациенти се вратени, листата си стои, како што е направена и очекуваме во секој момент да се набави делот, вели Ѓеорѓијев.

Тој забележува дека материјалите за операција на катаракта или народски кажано перде се набавени. Компјутерскиот томограф и магнетната резонанца се во функција, а за прегледи на овие апарати листат е долга.

– Листата за прегледи е подолга, кај магнетната резонанца, што е и многу логично. Луѓето треба да разберат дека прегледите на магнетната резонанца се многу специфични, многу долго траат, некогаш 30, а некогаш и 40 минути и физички е невозможно многу пациенти да поминат во текот на работното време, за разлика од компјутерската томографија, којашто е многу побрза и можеме да прегледаме поголем број пациенти, вели Ѓеорѓијев.

Во текот на годината штипската Клиничка болница има потрошено околу 200.000 евра за поправаки на апаратите, а набавени се и нови апарати за речиси сите одделенија на штипската Клиничка болница. Во тек е и постапката за нов апарат за анестезиологија, кој што е неопходен, за да се отвори и втората сала , со што ќе се зголеми и бројот на операции, а Ортопедското одделение наскоро ќе добие и нов модерен оперативен стол, а веќе се планираат и кои други апарати да се набават во текот на 2019 година.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.