Владата побара од фирмите да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран

Бремените жени и хронично болните на возраст над 60 години да бидат ослободени од работа, а градежните работници да не работат на отворено од 11 до 17 часот, се дел од препораките на Министерството за здравство што Владата ги усвои на синоќешната седница поради топлотниот бран што ја зафати Македонија.

Денеска, според најавата на синоптичарите, се очекува температурата да достигне до 42-тиот степен, а и УВ индексот ќе биде 9. Ќе дува со слаб до умерен југозападен ветер.

Поради топлото време, Владата препорачува во детските градинки да не се изнесуваат децата на отворено од 11 до 17 часот, а приватните компании да го организираат работното време за да се избегнува директна изложеност на работниците на отворено од 11 до 17 часот.

На Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран им се препорачува да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

На владината седница донесена е одлука препораките да ги почитуваат и државните органи и јавните претпријатија и установи.

– Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од три дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија, информира владината прес-служба.

Управата за хидрометролошки работи најавува дека топлото време ќе се задржи до сабота, а веќе од недела, особено попладне, се очекува нестабилно време со поројни врнежи од дожд и грмежи. Дневните температури ќе опаѓаат почнувајќи од северните делови за околу пет степени, а во крајниот југоисточен дел се уште ќе се задржи многу топло. Ќе дува умерен ветер од северозападен правец. Во понеделник ќе преовладува променливо и свежо време со локален дожд. Ќе дува засилен ветер од северен правец кој ќе предизвика значително опаѓање на температурата која  ќе биде во интервал од 22 до 31 степен во понеделник и во вторник. Потоа температурата повторно ќе биде во постојан пораст.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.