Виктор Камнар ќе раководи со Ортопедија, назначени уште тројца директори на болници
Избрзана изјава или недоразбирања во владината коалиција е вчерашната најава на заменик министерот за здравство дека ќе бидат сменети 33 директори на здравствени установи. Денеска Таравари назначи само четворица нови менаџери и тоа на три болници во внатрешноста и на Клиниката за ортопедија со која ќе раководи Виктор Камнар.
– значи 33 денес, утре ќе продолжиме со другите а до петок ќе ги направиме сите промени во здравствениот сектор, изјави Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство(31.07. 2017)
-Ќе се обидеме сега полека, полека…може забрзал малку..на крај ќе бидат 50. Не брзаме, подобро да најдеме добри решенија отколку да бидат одбиени кај лекарите, вели Арбен Таравари, министер за здравство
Во јавноста се шпекулираат многу имиња за директори на клиники од кои некои и порано биле во директорските фотељи но и такви кои не се омилени кај колегите. Има и случаи каде вработени потпишуваат петиција за останување на сегашните менаџери. Таравари вели дека има по неколку имиња за една клиника и ги бараат најдобрите решенија кои ќе бидат прифатени и од медицинскиот персонал и од пациентите.
-Некои можеби и ќе останат, дискутираме отворено, можеби на крај и нема да бидат најдобрите решенија, но не брзаме..вели Таравари.
Илија Јовановски ќе биде директор на општа болница Прилеп, Наќе Гогов на општа болница Струмица, а Исмаил Вахити на специјална болница за белодробни заболувања и туберколоза Лешок.