Вакцините за МРП со погрешни декларации утре ќе бидат уништени на Дрисла!
Сите МРП вакцини на кои стојат погрешно залепени декларации ќе бидат уништени од страна на компанијата „Македонија лек“, која ги дистрибуира. Ова го изјави директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства, Ќахил Ибраими.
Oд Министерството за здравство пред две недели по извршена внатрешна контрола во сите здравствени домови, соопштија дека било утврдено дека во вакциналните пунктови се пронајдени 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации.
На прашањето зошто е донесена одлука за уништување на вакцините со погрешно залепени декларации доколку рокот не им бил истечен, Ибраими посочи дека лекот можат да го прогласат за неисправен доколку е оштетена кутијата, поради грешка, испорака и погрешна налепница.
– Доколку е оштетена кутијата при увозот или превозот, или, пак, таблетите внатре биле отворени или под притисок тогаш можеме да ги назначиме како неисправни. За тоа одлучува Агенцијата. Сега за вакцините „Приорикс“ не се оштетени кутиите, само декларацијата е погрешна за нив, има погрешен датум. Се консултиравме околу тоа. Ако ја тргнеме таа налепница и залепиме нова налепница ќе почне да се зборува меѓу народот – еве ги пуштиле тие со поминат рок. Никој не сфаќа дека апсолутно не се работи за вакцина со поминат рок, туку за вакцина со погрешно залепена декларација. Сто пати сме го рекле тоа. За недела дена треба да бидеме известени дека тие вакцини се изгорени во „Дрисла“, нагласи Ибраими.
Тој смета дека во врска со уништувањето на вакцините нема да се зголеми сомнежот во јавноста.
Во врска со казната за компанијата „Македонија лек“ рече дека таа ќе се движи од 25.000 евра до 50.000 евра.
– Ќе одлучиме. Малку има процедура, бидејќи оди преку адвокатите. Разгледуваме казната за компанијата да биде максимална од 25.000 до 50 илјади евра. Ќе видиме пак со правната служба, не можеме однапред да кажеме. Станува збор за грешка на фирмата и треба да бидат казнети, додаде Ибраими.
Од компанијата посочија дека при контролата откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите.
– Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок, истакнаа на почетокот на месецов од компанијата и се извинија за пропустот и непријатностите кои биле предизвикани. Оттаму потенцираа дека пакувањата веднаш биле повлечени за да нема натамошни забуни во јавноста и соодветно се заменети.
МИА