Тринаесет лица починале од туберкулоза лани во земјава

Бројот на заболени од туберкулоза во државава континуирано опаѓа. Од 560 регистрирани пациенти во 2007 година на 217 во 2018 година. Предвидени се 25 милиони денари пред се за спроведување на превентивните програми, идентификување на ризични групи, рана детекција на туберкулозата кај нив и кај други целни групи. Новина се предвидените средства за набавка на нов дигитален рендген апарат. Средствата ќе ги обезбеди Министерството за здравство, а постапката ќе ја спроведе ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата по повод одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата, што, како што посочи, е одлична можност да се подигне свеста и да се укаже на превенција и контрола на оваа болест. Појасни дека и покрај достапната терапија, методи на рано откривање, дијагноза и третман, сепак во одредени делови во светот има континуирана епидемија.

– Ова е одлична можност да укажеме на преземањето на финансиските програми од страна на Владата после прекинувањето на финансирањето на овој многу значаен проект за земјата од Глобалниот фонд. Го преземавме не само финансирањето, туку самото спроведување на програмите, рече Филипче.

Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза со години нананазад, потенцира, има експерти кои имаат одлично познавање на оваа патологија, располагаат со регистар на пациенти кои спроведуваат ротација на лекари и медицински сестри, кој како механизам се покажа како одличен со оглед на огромниот дефицит на лекари и медицински сестри со кој се соочуваме посебно во диспанзерите за туберкулоза.

– Во 2018 година донесовме четиригодишна стратегија која се заснова на целите за одржлив развој на ОН, но и Глобална стратрегија на СЗО која значи целосно искоренување на тубекулозата до 2030 година, додаде Филипче.

Директорот на Институтот, Арбен Љабеништа рече дека располагаат со најсовремени методи за дијагноза на туберкулозата. Посочи дека поради пензионирање на кадарот од диспанзерите за туберкулоза пред се на пневмофизиолозите се наметнува прашањето за иднината на целата мрежа на оваа служба на ниво на државата.

– Две основни прашања бараат решение. Кој е профилот на здравствените работници кои ќе се вклучат во контрола на туберкулозата и како ќе се продолжи со додипломската и специјалистичката настава на Медицинскиот факултет за едукација за туберкулоза која постои во незначителен сегмент без вклучување на Институтот за белодборни заболувања и туберкулоза, додаде д-р Љабеништа.

Доктор Билјана Илиевска Попоска од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза истакна дека стапката на откриени случаи со туберкулоза во државата изнесува 10,5 на 100.000 жители. Посочи дека се бележи благо зголемување на смртните случаи во 2017 година кога тој број изнесуваше 13, а во 2016 година имаше седум смртни случаи.

– Станува збор за болест на помладата популација. Годишно се откриваат од десет до 12 деца болни до туберкулоза. Доминираат случаи со белодробна форма на туберкулоза која е заразна и се шири во околината, но со 23 отсто се застапени и вонбелодробните форми на туберкулоза. Туберкулозата успешно се лекува, има бесплатни лекови, сите пациенти ги добиваат бесплатно и успехот на лекување достигнува до 88 отсто. Во однос на ризичните популации се спомнуваат ХИВ инфицираните, лицата кои престојуваат во казнено-поправните установи и психијатриските болници. Од 2007 до 2017 година беа регистрирани само четири случаи меѓу болните од тубекулоза со ХИВ инфекција. Во 2017 година регистриравме три случаи болни од туберкулоза со ХИВ позитивен статус, рече д-р Илиевска Попоска.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека факт е дека постојат проблеми пред се заради недостиг на кадар кој се одлеваше изминатите години поради пензионирање и одредени диспанзери останаа без соодветна здравствена структура пред се ова се однесува на лекарите.

– Направени се разговори со Министерството и трасиран е пат за да се надмине проблемот. Лекарите интернисти ќе треба да ги преземат овие обврски и во својата работа би се занимавале и со проблемите кои ги носи туберкулозата. Најголем проблем околу организациската поставеност постои во источниот дел на државата каде е најмал бројот на болните. Во одредени општини годишно се регистрираат три четири случаи, но и за овој мал број регистрирани случаи мора да постои континуирана здравствена заштита, додаде д-р Илиевска Попоска.

Христијан Јанкулоски од Националниот координативен механизам рече дека државава спаѓа во земјите со ниска стапка на ХИВ и тубекулоза и се заблагодари за тоа што Владата предводена од Министерството за здравство после финансирањето на Глобалниот фонд ги презеде сите програми со финансирање од Националниот буџетот односно од буџетот на Министерството за здравство.

Коментари

коментари