Тодоров: Родителите да ги носат децата на вакцинирање и да не подлегнуваат на дезинформации

Со воведувањето на поливалентните вакцини се направи сериозен позитивен исчекор во имунизацијата во Република Македонија и горди сме што веќе по 80.000 дози од петвалентните и шествалентните вакцини се искористени, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, на одбележувањето на Европската недела на имунизација.

– Станува збор за безбедни и прочистени вакцини, од кои што несаканите реакции се многу мали. Очекувам вакцинацијата да продолжи со одлично темпо и во наредниот период, имајќи предвид дека Македонија е една од земјите со највисок опфат на вакцинација и со тоа треба да сме горди и не треба да дозволиме да се намали, изјави Тодоров.

Нагласи дека во делот на вакцинацијата за морбили, родителите не треба да се двоумат и да ја одложуваат, туку напротив децата да ги вакцинираат.

Во однос на тоа дека според СЗО е потребен опфат од над 95 проценти за да има колективен имунитет и што може да се направи за зголемување на опфатот, Тодоров рече дека не треба да се подлегнува на дезинформации пласирани од лица кои се недоволно стручни.

– Треба да се следат препораките од СЗО, во која се најголемите експерти за овој сегмент. Многу често дезинформациите се пласирани од лица кои имаат сериозно ограничени познавања во овој сегмент и несвесно прават голема штета на целата држава и можат да направат сериозна штета и за колективниот имунитет на населението, изјави Тодоров.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.