Теренската вакцинација против морбили во училиштата со поразителен резултат!
Поразителни бројки од теренската вакцинација во училиштата за вакцината против морбили. Скопските здравствени тимови минатата недела посетиле 51 училиште каде учеле 1490 невакцинирани ученици. Од мали сипаници се заштитиле само 119 од нив, или едвај 8 проценти од предвидените. За останатите немало согласност од родителите. И додека здравствените власти со вакви мерки се обидуваат да го зголемат опфатот со МРП, во финална фаза е промената на календарот за имунизација каде како задолжителни влегуваат и вакцините за рота вирус и пнеумокок.
-Вакцината за рота вирус ќе ја примаат новороденчиња од 4 недели до 8 месеци и тоа во три дози, а за пнеумокок до 2,5 годишна возраст а може и подоцна од тоа во зависност од состојбата на детето. Овие состојби, рота вирусите и пневмониите прават големи проблеми и често е потребна и хоспитализација за нив, особено пневмониите кај децата кои одат во градинка. Некогаш можат да бидат и фатални кај помали деца, вели др. Катерина Ставриќ, директор на Клиника за детски болести.
На детската клиника во моментот имаат новороденчиња со рота вируси како и деца со респираторни инфекции и пневмонии кои мора да бидат на болничко лекување. Педијатрите очекуваат да нема отпор кон двете нови вакцини како што е случајот со големиот број на невакцинирани против морбили.
-Не би требало бидејќи тоа е бенефит за сите. Има студии дека со вакцината за рота вирус дури за 80 проценти е намалено болничкото лекување, вели Ставриќ.