Светската здравствена организација ги повикува сите влади на заедничка борба против коронавирусот

Ширењето на епидемијата на коронавирус ширум светот од Кина може да се намали и контролира, но само преку заеднички напори на сите светски влади, соопшти денес Светската здравствена организација (СЗО).

„Ја повикуваме секоја земја да дејствува брзо, сеопфатно и со јасна решеност“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејзус, на брифингот во седиштето на организацијата во Женева.

Тој изрази загриженост дека „некои држави или не го сметаат ова доволно сериозно или заклучија дека не можат да сторат ништо“ и рече дека не е време да се откажат или да се наоѓаат изговори, туку да се дејствува.

Бројот на загинати од епидемијата на коронавирус во северниот италијански регион Ломбардија се искачи на 98 од 73, соопшти денеска локален претставник. Во Италија загинаа вкупно 148 лица, според новите податоци, со што полуостровот е втор на светот по смртни случаи зад Кина. Бројот на потврдени случаи од избувнувањето на епидемијата е зголемено на 3858 од  3089 вчера, односно зголемување за 25 проценти.

Италија е трета најпогодена земја во светот зад Кина и Јужна Кореја. Според италијанската цивилна заштита, 414 лица целосно закрепнале или 138 повеќе отколку во средата.

Во четвртокот, Франција објави два нови смртни случаи од коронавирус и сега вкупно има шест и 92 нови случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број достигна 377.

Во Холандија потврдени се вкупно 82 случаи, изјави холандскиот министер за здравство Бруно Бруинс. Вчера имало 38.Ненадејното зголемување го објаснува со „ефектот на одложување“ бидејќи многу заразени лица чекале некое време пред да одат на лекар.

Бруинис вели дека во моментов нема потреба од воведување вонредни мерки. Повеќето пациенти се ставени во карантин и изолирани од семејството.

Вкупниот број на заразени во Велика Британија се зголеми на 115 и е пријавена првата смрт, соопштија властите. Станува збор за постара личност која веќе била болна.

Велика Британија започнува втора од четирите фази на планот за борба против ширењето на коронавирусот, потврди шефот на Агенцијата за коронавирус Крис Вити.

Премиерот Борис Џонсон изјави дека е оптимист дека Велика Британија се подготвува да се бори против ширењето на коронавирус, но денеска авиокомпанијата Флебе стана првата голема корпоративна жртва на епидемијата.

Портпаролот на Џонсон рече дека е голема веројатноста вирусот да „се прошири значително“ и дека, според тоа, „официјалните лица ќе ги забрзаат подготовките за да го забават ширењето на вирусот“.

Цивилен службеник во воениот штаб на НАТО во Монс, Белгија и двајца членови на неговото семејство се заразени со коронавирус по патувањето во Италија, се вели во соопштението на Алијансата.

„Имаме три потврдени случаи на„ Ковид-19“, се вели во изјавата на НАТО.

Норвешката армија во четвртокот објави дека затвора една воена база и отвора карантин за персоналот, откако еден војник е позитивен на  коронавирус, непосредно пред вежбите на НАТО во регионот.

Според Ројтерс, повеќе од 96.500 се заразени со коронавирус ширум светот и повеќе од 3.300 починале. Повеќе од половина од заразените закрепнале.

Американските здравствени претставници соопштија денеска дека очекуваат доволно тестови за коронавирус да бидат испратени до јавните лаборатории оваа недела за да се тестираат околу 400.000 луѓе.

Американскиот помошник секретар за здравство Брет Гирпир изјави дека стапката на смртност од вирусот, официјално наречен Ковид-19, е помеѓу 0,1 и 1 процент.

Бројот на потврдени случаи заразени во државата Њујорк се удвои на 22, изјави државниот гувернер Ендру Куомо.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.