Стоматолози специјалисти бараат да бидат дел од здравствената мрежа и да склучат договори со ФЗОМ
Стоматолози специјалисти бараат и на нив државата да им ги покрива стоматолошките услуги како и на останатите колеги. Со години чекаат да бидат ставени во здравствената мрежа за да можат да склучат договори со Фондот за здравство. Ако една хируршка интервенција по фондовска цена чини околу 500 денари тие се принудени да наплаќаат по 50 евра за да опстанат. Не им следуваат ниту три бесплатни протези месечно за деца. На овој начин велат дека ги губат пациентите и едвај ги одржуваат ординациите. За нивните проблеми денеска ги известија министерот за здравство и директорот на Фондот.
-Во моментот се наоѓаме во ситуација пациентите да си ги побаруваат услугите од ФЗОМ, а ние ги немаме тие договори склучен така да не можеме да им ги предложиме. Не можеме да бидеме конкурентни, изјави д-р Александар Трајковски, специјалист стоматолог.
На средбата со надлежните во здравството било договорено дополнително да се утврди колку стоматолози сакаат да склучат договор со фондот. Пред министерството за здравство имаше околу 50-тина вакви специјалисти.
-Се договоривме за првична средба наредната недела, изјави д-р Ана Дуковска Цветковска, специјалист стоматолог.
Од министерството за здравство одговорија дека активно работат на реализација на барањата на стоматолозите специјалисти.
– Во рамки на средбата, специјалистите стоматолози се согласија со предвидената динамика на реализација на барањата донесена од страна на Министерството за здравство.
Исто така, договорено е дека во континуитет ќе бидат известувани и ќе бидат во комуникација со претставниците на Министерството за здравство, се вели во одговорот од МЗ.