Специјализантите по стоматологија бараат ист третман како и нивните колеги медицинари
Со мирен протест пред Министерството за здравство, четириесетина специјализанти по стоматологија ги побараа ветените плати за нивниот труд. Незадоволни се што по неколку средби со здравствените власти добивале бројни ветувања, но пари на сметка се уште немаат. Сакаат ист третман како и нивните колеги медицинари за да можат да ги покријат основните трошоци.
-Ние секојдневно ги извршуваме работните обрски на стоматологија, работиме со пациенти и сакаме и нашиот труд да биде валоризиран, вели Елена Лазаревска, специјализант по стоматологија.
За специјализантите месечниот надоместок што го бараат е само една од мерките за задржување на младите доктори дво државата. Но велат дека усни ветувања не им значат ништо и бараат писмена гаранција од Филипче.
-Ние бараме конкретен договор на писмено, ова усно што го слушаме не значи ништо, вели Милан Ацевски, специјализант по стоматологија.
Министерот за здравство, не писмено, туку во изјава за медиумите уште еднаш им вети дека парите ќе ги добијат во октомври.
-Значи септемвриската плата ќе ја добијат во октомври, финансии се обезбедени, вели Венко Филипче, министер за здравство.
По примерот на приватните специјализанти по медицина, пред неколку дена и идните специјалисти по стоматологија преку писмо побараа од премиерот Заев за решавање на нивниот проблем.