Слободен печат: Коронавирусот е вон контрола, жариштата итно во карантин!

Треба да ги затворат општините каде што се жариштата, да се постави полиција пред секоја зграда или куќа во која има кластери, да се контролираат тие места, вели за ,,Слободен печат“ доктор Никола Пановски.

Ситуацијата со коронавирусот е сериозно излезена од контрола и единствениот спас е да се стават жариштата со најголем број новозаразени во карантин и да се направи обид да се ублажи ситуацијата, тврдат епидемиолозите, откако вчера бројката на нови потврдени со ковид-19 значително порасна.

– Работата е веќе испуштена од контрола, не требаше да се пуштат навечер младите да шетаат, затоа што тие допрва ќе го шират вирусот како најголеми преносители. Бидејќи Комисијата за заразни болести тврди дека ја има ситуацијата под контрола, треба да ги затворат општините каде што се жариштата, да се постави полиција пред секоја зграда или куќа во која има кластери, да се контролираат тие места – тврди за ,,Слободен печат“ доктор Никола Пановски.

Од медицинските техничари што земаат материјали за испитување на Ковид 19 во Скопје, дознаваме дека на терен се соочуваат со голем отпор кај дел од населението, кое одбива да се тестира и ги лаже дека им е земен брис.

– Се јавувам и ја барам адресата, точно да ги прашам каде се за да им земам брис. Ми велат да не доаѓам, затоа што веќе отишле на пункт во Чаир да се тестираат. Се враќам во канцеларија, проверувам во системот, не се тестирале – вели еден од медицинските техничари ангажирани да зема материјали за испитување на ковид-19 на територијата на Скопје. Во Скопје е многу пораснат бројот на налози за тестирања за коронавирус, до степен што морало да се зголемат бројот на екипи што земаат брисови. Наместо досегашните три екипи, сега има пет.

И покрај тоа што Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги издава решенијата за задолжителна изолација на позитивните со коронавирус, сепак Инспекторатот нема законска надлежност да контролира кој е дома, кој излегува надвор, дали се почитуваат тие решенија, туку тоа е надлежност на Министерството за внатрешни работи. Затоа до МВР секојдневно се праќаат списоци со точните имиња и презимиња, адреси на заболените, а потоа полицијата треба да ги контролира дали се дома и да ги проверува.

Од Инспекторатот тврдат дека новозаразените не се последица на попуштањето на рестриктивните мерки, туку на тоа што не се почитувал полицискиот час и не се одржувала дистанца. Инкубацискиот период на вирусот е 14 дена, а ако се погледне две недели наназад, во тој период имаше и полициски час, и забрана за групирање, и задолжителна дистанца и маски. Но, зголемениот број на новозаразени е показател дека некој тие мерки грубо ги прекршувал.

Вчера на Комисијата за заразни болести не беше донесена мерка да се стават во карантин општините со најголем број заразени, туку и понатаму да се мониторира состојбата и да се види дали бројките се тренд или се варијација. Во меѓувреме, на жителите на најкритичните региони од Скопје не им е забрането да одат во други населени места, да се појавуваат на работните места во институции и на таков начин ризикот е голем.

Филипче апелира строго да се почитуваат мерките

„Имаме два избора, или ќе продолжиме да го враќаме животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките, или ќе се враќаме назад кон силни рестрикции. Изборот е наш. Друг излез од оваа состојба, за жал, не постои. Јас силно верувам дека ќе избереме да го нормализираме животот заштитувајќи го нашето лично здравје, колективното здравје и здравствениот систем. Затоа уште еднаш апелирам да се воздржиме од групирање и да одржуваме дистанца, да сме внимателни и да носиме заштитна опрема и да се грижиме за личната хигиена“ – порача вчера министерот Венко Филипче.

извор: slobodenpecat.mk

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.