Скопјанката Верка Пехчевска е меѓу 170-те пациенти кои чекаат бубрег од кадавер – Вакви трансплантации три години не се прават во Македонија
Секој втор ден по 5 часа поминува врзана на апарати за дијализа. Вака скоро две децении живее скопјанката Верка Пехчевска. Поради откажувањето на функцијата на бубрезите 64-годишната жена морала пред време да замине во пензија. Изминатите години само машините за прочистување на крвта ја одржуваат во живот.
-Првите денови кога тргнав на дијализа бев во шок, така страшно се чувствував, што ќе биде, како ќе биде. Не бев запознаена. После се навикнав. И сега кога одам моето семејство мисли дека одам на работа, изјави за Сител Верка Пехчевска од Скопје.
Единствен спас за да има нормален живот тетка Верка гледа во пресадувањето на бубрег од кадавер, бидејќи никој во семејството не бил сроден донор. Но, неизвесно е до кога ќе чека бидејќи ваквата трансплантација во земјава 3 години е во застој.
-Немам од некој сроден да земам и морам да чекам од кадаверична, на список сум чекам, но засега ништо не се знае, никој ништо не кажува, не гарантира иако ние многу пациенти чекаме за подобар живот, додаде тетка Верка.
Од здружението Нефрон велат дека за кадаверична трансплантација покрај тетка Верка чечаат уште 170-тина други пациенти. Апелираат надлежните што побргу да најдат решение.
-Бараме етаблирање на еден систем кој сите трансплантации ќе ги прави континуирано и сите 150-170 пациенти кои чекаат бубрег можер да се надеваат дека во догледно време ќе бидат трансплантирани, изјави м-р Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон.
Инаку кадаверичната трансплантација во Македонија заживеа во 2014 година кога 12 лица добија бубрег од починат донор. Но, од 2015-та вакви трансплантации не се прават. Министерот Филипче денеска изјави дека работеле на организација на тимот и регистер на пациенти, но без конкретен одговор кога повторно ќе се почне со пресадувањето органи од кадавер.