Скопјанката Николина Котевска раскажува како го победила ракот

Скопјанката Николина Котевска изминатите 10 години била оперирана од рак на тироидна жлезда, на грло и двапати на дојка. 65-годишната жена освен што четири пати била во операциона сала, преживеала и мозочен удар. Стравот го победила и денеска вели дека не е болна. Единствено жали што не успеала да го спаси сопругот кој починал од малигно заболување.

-Јас веќе не сум болна, проклетникот го избркав. Се борам и понатака во спомен на мојот сопруг и за надежта на моите ќерки и внуци, вели Николина Котеска од Скопје.

Николина во Борка го запознала и нејзиниот сограѓанин Благоја Боцевски на кој пред девет години исто така му дијагностицирале рак на дојка. Таа на почетокот не му верувала дека ја имаат истата болест, но 67 годишниот пензионер е во оној мал процент на мажи кај кои е дијагностицирано ова малигно заболување.

-Кога отидов на биопсија ми кажаа дека е рак и бевме сите шокирани. Но потоа свативме што е и кои се алтернативите, ни кажаа што поскоро операција и еве, вели Благоја Боцевски од Скопје.

И Благоја и Николина се дел од онаа статистика на заболени од рак на дојка која од година во година се зголемува. Рана дијагностика апелираат сите, но не и чекање по три до четири месеци за мамографски преглед. Министерот за здравство најави дека овие пациенти ќе имаат посебна форма на приоритет за закажување.

-Времето ќе се намали, имав средби со многу директори на болници и клиники и ќе има промени. Има пропусти но ќе се зголемат бројот на термини, вели Венко Филипче, министер за здравство.

На годинешната 10 по ред прошетка -напред розово, учесниците порачаа дека со подигање на јавната свест може да го намалат бројот на жртви од оваа болест.

-Сите жени кои во моментов не направиле преглед, денеска треба да се потсетат дека треба да го направат и да превенираме она што понатаму би требало да се лекува, вели Мила Царовска, министер за труд и социјала.

-Да бидеме храбри и да чекориме напред, но и да не заборавиме оние ои ја изгубиле битката, вели Биба Додева, претседател на Борка.

На розевата прошетка беше и амбасадот на САД Бејли, кој покрај поддршката ги поздрави и учесничките од групата трка за надеж кои учествуваа на денешниот маратон а меѓу кои има и жени што ја победиле болеста.

-Сите ние сме засегнати од ракот и сите ние може да помогнеме во подигање на свеста и превенцијата, изјави Џес Бејли, амбасадот на САД

Апелот од денешната розева прошетка е ракот да не се зборува само во октомври, туку секој ден во годината.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.