Силните главоболки можат да бидат и како последица на синусите

 

Болката во главата која настанува поради воспаление во повеќето случаи е еднострана и локализирана во регијата на синусите кој е зафатен со воспалителниот процес. Најчесто тоа е во регијата на челото, регијата на горната вилица, или во коренот на носот, и тие се болно чувствителни на притисокот на прстите.

Пациентите синусогената главоболка ја опишуваат како чувство на полност или притисок, кој се интензивира при промените на положбата на главата, најчесто при наведнувањето. Кога ќе дојде до воспаление на синусите, слузницата е отечена, а синусната празнина во поголема или помала мерка е исполнета со секретот. Воспалението и отокот оневозможуваат природна дренажа на синусите во носните ходници и тоа доведува до чувство на болка којашто трае додека воспалението на синусите не се излекува и не се воспостави „добра вентилација“.

Главоболката и малаксаноста можат да се појават веднаш на почетокот на воспалението, а се проследени со затнатост и течење на носот, исцрпеност, губиток на апетитот, но и зголемена температура. Лекарите наведуваат и дека кај пациентите со хронично воспаление на синусите, главоболката главно е константен проблем кој, со влошувања или подобрувања, може да трае и со години.

Кај хроничните форми на воспаление на синусите тегобите траат подолго од 12 недели, симптомите се поблаги, но долготрајни и тоа со повремени влошувања. За лекување на акутниот синуситис се користат вазоконстрикторни капки или спрејови за нос. Доколку со брисот од носот се потврди бактериска или габична причина, се пропишуваат антибиотици и антимикотици. Во случаите кога постои и алергиска компонента, во терапијата се додаваат и лекови против алергија. Во меѓувреме, додека лекувањето трае, можат да се користат и аналгетици коишто ќе го намалат чувството на болка. Хроничните форми на синуситисот се лекуваат и хируршки, посебно ако пациентот има девијација на носните прегради или полипи во носот и синусите.

Луѓето коишто имаат почести воспаленија на синусите би требало да водат сметка и слузницата на носот да ја плакнат со млак физиолошки раствор или со спрејови со пантенол. Исто така, треба да водат сметка и за оралната хигиена, бидејќи и бактериите од забите можат да продрат до синусот и да доведат до воспаление.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.