Што најмногу јаделе Старите Римјани?
Со истражувањата на канализациите и депониите во Помпеја и Херкуланум археолозите дошле до интересни податоци за исхраната на старите Римјани во овие два града на брегот на неаполскиот залив, пред ерупцијата на вулканот Везув во 79. година.
Повеќето од тоа што жителите на овие древни градови не го свариле или го оставиле во своите чинии завршувало во канализациите или на депониите.
На тридневната конференција, одржана оваа недела во Рим археолозите ги претставија своите откритија, изнесувајќи различни видови намирници, чии остатоци ги пронашле во ископините.
– Добивме мал увид во тоа што јаделе, а наидовме и на некои навистина чудни работи, изјави Марк Робинсон, професор по археологија на животната средина на Универзитетот во Оксфорд.
Истражувачите нагласија дека Римјаните претежно јаделе локални производи, како што се школки, кои потекнувале од околното крајбрежје. Главни увозни производи биле житарките, кои се купувани во Египет, урми кои доаѓаат од Блискиот Исток и северна Африка и бибер, кој доаѓал од далечната Индија.
Од месото, Римјани, како и денешните жители на тие краеви, најмногу уживале во свинско. – Депониите од првиот век п.н.е. и на почетокот на новата ера во Помпеја се преполни со свински коски, наведе Мајкл Мекинон од Универзитетот во Винипег.
На трпезата на жителите на Помпеја и Херкуланум може да се најдат и ракови и риба, а ги конзумирале и јајцата од кокошки во подготовка на секојдневните јадења.