Што е препорачливо да се јаде секој ден, особено во лето?

Овошје и зеленчук

Постојат три причини зошто е препорачливо да се јаде повеќе овошје и зеленчук. Прво, овошјето и зеленчукот се главни извори на голем број хранливи состојки кои луѓето обично ги внесуваат во количини помали од препорачаните, како фолати, магнезиум, калиум, влакна и витамини A, Ц и К. Внесувањето на некои од овие нутриенти во организмот е важно за целата популација (влакна, витамини и калиум), додека некои од нутриентите (фолна киселина) се важни за специфични групи, како на пример жени во репродуктивен период.

Второ, консумирањето овошје и зеленчук е поврзано со намален ризик од многу хронични болести. Така, постојат умерени докази дека внесување на најмалку 500 g овошје и зеленчук на ден го намалува ризикот од кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести како срцев и мозочен удар. Некои видови овошје и зеленчук се смета дека штитат и од рак.

Трето, повеќето видови на зеленчук и овошје кога се подготвуваат без додадени шеќери и масти имаат релативно мала енергетска вредност и продонесуваат кон одржување на здрава телесна тежина. Под консумирање на овошје се подразбира внесување на цели плодови и тоа, свежи, конзервирани, замрзнати и сушени, а помалку во вид на сокови. Кога се консумираат сокови, се препорачува тие да бидат со 100 % овошје. За да се намали внесот на додадени шеќери се препорачува користење на овошје конзервирано во сопствен сок наместо во шеќерен сируп.

Зошто секој ден?

За да се храниме здраво;

За да растеме;

За даа го зголемиме имунитетот на нашиот организам;

За да ја зголемиме концентрацијата и работоспособноста;

За да ја спречиме појавата на дебелина, шеќерна болест и други болести и состојби;

Освен тоа, овошјето и зеленчукот се богат извор на антиоксиданси, супстанци кои со своите активности го намалуваат нивото на штетните материи, како и можноста за оштетување на клетката. Испитувањата покажуваат дека кај нас овошјето и зеленчукот не се доволно застапени во нашата исхрана.

 

Зошто во лето?

Овошјето и  зеленчукот имаат мала калорична вредност, содржат висок процент на вода во својот состав, многу минерални материи и витамини кои му се неопходни на организмот во овој период од годината за да се задржи виталноста на организмот и да се надополни изгубената течност при потење, а со тоа и  да се намали чувството на жед.

Најдобро е да се консумира во сурова состојба или кратко обарено  ако е потребно. Свежо направени сокови од овошјето или од зеленчукот  се многу корисни и се препорачуваат за сите возрасти, особено за децата.

Важно е да се знае!

Пред да го јадеме овошјто или зеленчукот треба  добро да го измиеме со безбедна вода од чешма од водоснабдителните системи, за да спречиме евентуални цревни заразни заболувања. Јадете само добро измиено овошје и зеленчук!

Застапеноста на овошјето и зеленчукот во исхраната треба да биде 15%  овошјето и 25% зеленчукот од сите други производи кои ги внесуваме како храна. Поедноставно кажано дневно ни се потребни три до пет оброка.

преземено од ИЈЗ

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.