Секој ден во ГОБ 8-ми септември примаат по еден пациент изгризан од куче!
Дека состојбата со бездомните кучиња е навистина сериозна и алармантна покажуваат и бројките од инфективното одделение во ГОБ 8-ми септември. Овие десет месеци секој ден имале по еден пациент изгризан од куче.
-Значи за оваа година имаме 317 пациенти кои завршиле кај нас со повреди и каснувања од кучиња а терапија против беснило е дадена кај 210. Во споредба со лани бројката е за 100% зголемена, односно, ако во 2017 сме имале 105 пациенти кои примиле терапија, сега е двојно повеќе. вели др. Пеце Илчевски, раководител на инфективно одделение во ГОБ 8-ми септември.
Оваа болница за оваа година потрошила околу 100 000 евра само за терапијата против беснило која ја примиле пациентите. За еден пациент болницата издвојува 500 евра, односно, толку би платил пациент приватно доколку во некоја здравствена установа немаат вакцини а тие мора да бидат примени најкасно 48 часа по каснувањето.