Расте бројот на заболени од морбили во Скопје!
Регистриран 15-тиот случај на морбили по појавата на првите заразени во Маџари пред еден месец. Неофицијално, станува збор за дете кое имало контакт со заболената жена од Чаир. По прогласувањето на епидемија во Гази Баба, малите сипаници се проширија и во други скопски општини а беше евидентирано и дете од Косово кај кое заразната болест му била откриена во македонска болница. Кај двајца пациенти морбилите предизвикале пневмонија и биле хоспитализирани на Клиниката за Инфективни болести. Иако епидемиолозите на терен ги вакцинирале сите блиски контакти со заразените, сепак, велат дека инкубацијата е од 10 до 14 дена и можат да се појават новозаболени.
–Тие се многу контигиозни, околу 90 проценти и затоа може бројот да расте а тоа ни го покажува и искуството од минатите години, вели Јованка Костовска
Изминатите две недели МРП вакцина примиле над 5000 деца а епидемиолозите со чешлање на картоните откриле и вакцинирале уште 400 лица кои не биле заштитени од морбили, рубеола и паротит.
Здравствените власти се уште чекаат одговор од материјалите кои ги пратиле на анализа во странски лаборатории кои треба да потврдат дали вирусот на морбили е ист како тој во Косово каде има над 100 заразени и повеќе од 30 хоспитализирани во болница. Над 200 случаи со мали сипаници има и во соседна Грција.