Повеќе од 15 дена немало вакцини против хепатит за новороденчињата во родилиштата!
Новороденчиња ги испуштале од поголемите родилишта во земјата без да бидат заштитени од Хепатит Б. Повеќе од две недели според сведочења на револтирани родители имало недостиг на вакцините и бебињата дома ги носеле невакцинирани. Согласно задолжителниот календар за имунизација, оваа вакцина новороденчето треба да ја прими во првите 24 часа од раѓањето.
-Ни кажаа дека може да си одиме дома а за вакцина да се обратиме во некоја од скопските поликлиники за бебето да биде вакницирано. Зошто имаат недостиг од вакцини не добивме објаснување, но не бевме само ние туку за десетина бебиња се однесуваше истиот одговор. Ем задолжителна ем ја нема, па мора ние сами да се снаоѓаме, реагира револтиран родител од Скопје.
Во поликлиниката Букурешт потврдија дека деновиве боцкале новороденчиња кои не ја примиле вакцината против Хепатит Б во родилиштата. Иако во протоколите пишува веднаш по раѓањето, педијатрите велат дека не е проблем и малото пролонгирање на вакцината која штити од жолтица. Истата бебињата ја добиваат и во вториот и шестиот месец.
-Да, овие денови имаме бебиња кои не примиле вакцина против Хепатит Б. Иако во календарот пишува првите часови, сепак, неколку денови подоцна не е проблем за аплицирање на вакцината. Секако дека оваа вакцина е неопходна бидејќи штити од хепатит, вели др. Венера Митревска, поликлиника Букурешт.
Здравствените власти велат дека состојбата е надмината и во текот на вчерашниот ден ги испорачале неопходните дози. Но, според лекари мора под итно да биде сменет начинот на набавка и тој да биде на еден а не на три месеци за повторно да не се соочат со ситуација кога наместо во болница родители треба да ги шетаат штотуку родените бебиња по диспанзери.