Пет работнички во текстилна фабрика во Вевчани заразени од колешка која болна одела на работа

Прв кластер на заболени од Ковид 19 во Вевчани. Пет работнички од текстилна фабрика се позитивни на вирусот, а се заразиле од колешка која со симптоми и заразен член во фамилијата неприкинато одела на работа и ги криела симптомите, пишува „ТВ 24“.

Несовесноста на вработената сега става во опасност уште 35 други вработени, а бидејќи станува збор за голем број на контакти, извесно е дека бројот на заболени од овој  кластер ќе расте. Во ситуацијата е добро тоа што сите досега заболени се со лесна клиничка слика, но фабриката продолжила да работи и после дијагностицирањето на заболените иако указ за затворање добила и од Центарот за јавно здравје и од санитарниот инспекторат.

Градоначалникот на Вевчани вели ситуацијата со овој кластер се следи, но е алармантна од причина што фабриката продолжила да работи и покрај тоа што менаџментот бил известен и свесен дека во погоните постои кластер на заболени кои контактирале и со други вработени.

Од Центарот за јавно здравје-Охрид информираат дека сите останати вработени кои ќе пријават симптоми ќе бидат тестирани, а сите контакти на досега позитивните лица се ставени во изолација.

Извори од селото за ТВ24 даваат различни информации, дека во фабриката се носела заштитна опрема и се почитувале здравствените протоколи, а други пак дека воопшто не се водело грижа за здравствената безбедност на вработените. Лекарите велат дека инспекторатите треба детално да ги проверат таквите информации и согласно исказите да постапат.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.