Педијатри на Клиниката за гинекологија: Недостиг на опрема, кадар и несоодветни услови се причини за зголемена смртност на предвреме родени бебиња!
Комисијата формирана од министерството за здравство не најде лекарска грешка за смртта на 4-те новороденчиња во еден ден минатата недела на скопска гинекологија. Дежурната педијатарка која тој ден не била на работното место останува суспендирана се додека не се произнесе дисциплинската комисија.
По две новороденчиња во еден инкубатор. Наместо 25 во моментот на одделот за интензивна нега има 50 предвремено родени бебиња. Ако има други деца со компликации лекарите се принудени да прават селекција и не им се дава подеднаква шанса на сите да се изборат да преживеат
-Има само 10 респиратори, а некогаш има потреба повеќе деца да бидат приклучени на вакви машини, изјави д-р Ѓорѓи Филев, педијатар на одделот за интензивна нега на ГАК.
Покрај опремата според педијатрите од ГАК причина за зголемената смртност на предвреме родени бебиња е и недостигот на кадар. Денеска за сите 50 деца се грижеа еден лекар и три медицински сестри. Проблем се и несоодветните услови и нарушените меѓучовечки односи, додаваат од Клиниката.
Новата директорка Викторија Јовановска вели дека на функцијата била неполни 2 месеци и за недостигот на кадар и опрема веднаш побарала помош од министерството за здравство и Владата. Таа додава дека лесно е да си поднесе оставка, но мора нешто да се превземе за да се подобри состојбата. Побарала од ДСЗИ комплетно да ја ја скенира состојбата и да укаже на недостатоците.